Блог

Топ 5: Најголеми деловни згради во светот

Брзиот технолошки развој им овозможува на архитектонските проекти да стануваат реалност и низ светот да „никнуваат„ нови објекти различни по големина. На сите ни се познати највисоките згради во светот, меѓутоа кои се најголемите?

Врз основа на нејзината квадратура, најголемата зграда во светот е Пентагон (The Pentagon), во Вашингтон, САД. Кога ќе се помисли на Пентагон не се помислува веднаш на деловен центар бидејќи во неа е сместено Министерството за одбрана на САД, меѓутоа со својата импресивна површина од 620.000 метри квадратни се смета за најголемиот објект во кој секојдневно работат илјадници луѓе.

Вториот најголем објект е канцеларискиот комплекс во Гатино, Квебек Канада, Плас ду Портаж (Place du Portage). Во 462.636 квадратни метри површина е сместена Федералната Влада на Канада, секторот за надворешни работи, трговија и развој на Канада, канадаската канцеларија за интелектуална сопственост и други сектори. Во целиот комплекс кој е составен од неколку згради работат приближно 10.000 административни работници.

Комплексот Дежарданс (Complexe Dejardins) во Монтреал, Квебек е вториот објект кој докажува дека во Канада сакаат да градат широки, а не високи згради. Неколкуте кули имаат површина од 418,154 квадратни метри.

Четврта по големина е Вилис Кулата (Willis Tower) во Чикаго која речиси 25 години ја држеше титулата за највисока зграда во светот. Од 416.000 метри квадратни распределени на 110 ката, United Airlines е најголем закупец кој има канцелариски простор на речиси 20 ката.

CCTV во Пекинг, Кина, е централното јадро на Кинеска централна телевизиска компанија и има површина од 389,079 квадратни метри и со тоа го зазема петтото место во листата на најголемите деловни згради. Интересно кај овој објект што главната зграда не е традиционална кула, туку спој од шест хоризонтални и вертикални делови кои создаваат неправилна форма. Иако не е највисоката зграда, видлива е во поголемиот дел на Пекинг.